Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Календар
«  Април, 2024  
ПВСЧПСН
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
2930
Постинг
22.01.2008 15:33 - НИЗ ИГЛЕНИ УШИ
Автор: bugarash Категория: Други   
Прочетен: 2697 Коментари: 0 Гласове:
0

Последна промяна: 22.01.2008 15:34


Младен Србиновски

Република Македонија беше педесет години со најзатворени граници во Европа. Побргу ќе се провреш низ иглени уши, отколку низ македонски граничен премин. Македонските гранични премини се провирање низ иглени уши. Џојс "од ништо" напиша тритомен, хаотичен Уликс во дејствие од едно деноноќие: кога би се провирал низ иглени уши денес, за дваесет и четиричасовен престој во Бугарија, би напишал попарадоксален, но почитлив роман во дваесет и четири тома. Пред смртта, божем рекол дека не верува во иднината додека постојат Ирска и Македонија. Може и да не рекол: реченото предупредувачко пророчки прилега да му се припише за претсмртна мисла на голем автор како незапишано божјо послание, единаесетта Божја заповед, единаесетта Марксова теза.

Ние сме, ете, живи и здрави, згора на тоа и горди Македонци и Џојс може мирно да почива. Еве групно слегуваме од автобус на гранично мочање. Тоа е нашата компаративна предност, кој може само да не прочита. Со сите бои вапцани, ќе може ли некој да ни го фати крајот. Во трк фаќаме пусии зад товарни камиони. И госпоѓите што се држат најотмено в автобус, клекнуваат покрај некое тркало. Нахранетите газови што ги одгледуваше социјализмот и тркало од товарен камион не може да ги покрие. Нескриени сантиметри од вишокот, се белеат од зад гумите. По газовите си го познавам својот народ. По киселите погледи од суратите без грам емоција може и да згрешам, ама газот ги издава. Погледот на бистар народ може да го издаде и она што државата сака да го скрие: нашите погледи лажат и она што на газот ни се чита.

Константин Миладинов во едно писмо од Москва вели, што и да му се случи, никогаш нема да го заборави топлиот поглед на милите лица болгарски од родниот крај. Да не препознае во какви сурати сме престорени, со тапи, безизразни воловски погледи, којзнае дали би му било подносливо чекорењето во летни обувки низ ледената Москва на минус триесет и пет. Ние ли се престоривме од приказната во преродбенските зборници: не гледај ми го суратот, честити царе, види ми го газов.

Стрплив македонист кога би ги запишувал гнасотилаците што ги збориме за Бугарија додека чекаме пасошка контрола, би издавал секоја година по еден дебел антибугарски зборник колку оној од Миладиновци. Тука нивното учење ликува. Она што го сеат македонистите половина век, најслатко се жнее на македонско-бугарската граница. Им ги зел ѓаволот очите на луѓето и им ги измешал на куп. Кога си ги барале во измешаните, секој зел погрешни и сега веќе со туѓи очи гледаме.

- Овој е Румен - ми вели сопатникот седнат спроти мене. Се обидува да ме зазбори уште од Скопје. Молчам. Ако го потпрашам, не ќе можам да го откинам.

- Секој трети ден одам во Бугарија... Овој е најопасен. Ако не му дадеме педесет марки, може да не" чува на рампа и по седум саати.

- Нас не држеше шест саати прошлата недела - се уфрлува трет одзади.

- Не беше бе Румен, беше Оливер...

- Не бе, Оливер е во една смена со Стево и Марин...

- А бе ти ќе ми кажеш, не знам јас што збирав од цел автобус по две марки. Што да правиш, бе мајката, будала народ. Шест саати ќе стои, само две марки да не даде. Сите турски автобуси не претекоа... Даваат тие, не се како Македончето, стиснато.

- Не заебавај, Тошо, ти нејќеше да собираш од патниците... - се јавува нов соговорник.

- Ама вие се знаете за границава... -првпат се вмешувам.

- Како не знаеме, бе земјак, ние сме стари волци.

- А бе ќе видиш на враќање - смеејќи се дофрлува штрбава шверцерка. - Ќе ми донесеш триесет пара папучи на враќање, и се ќе ти стане јасно.

- А бе ти Македонец си.

- Македонец.

- Ебати земјакот, ништо не знаеш. Цела Македонија оди на пазар во Ќустендил, ти како да си на месечината...

- А на работа?

- Не истераа од Железара... Што ќе правам по цел ден дома...Првпат одиш за Бугарија....

- Првпат.

- Со мене ќе дојдеш на Илијанци. Сите ме знаат. Кого сакаш, прашај за Тошо. Ќе земеме заедно такси, далеку е пазарот од автобуската.

- Јас одам на читање.

- Какво читање, бе...

- Ме канат на еден симпозиум.

- ... И ќе читате меѓу себе.

- Ќе читаме и ќе слушаме.

- Не одиш на шверц.

- Не.

- На враќање ќе ми пренесеш две штеки "Марлборо" и едно виски.

- Не пикај ме мене во таа работа, жити мајка...

- Такви како тебе што ми се прават учени, ја изедоа државата. Ние барем на ситно и чесно.

Не сум му по кеиф и се сврте кон компањоните. Да сум му комшија, ќе ме намрази засекогаш. Типичен кондрокефалос. Пушти го да рмба во смени, давај му по две пива по ручек, па ако има уште трска за на риба да ја отепа сабота и недела, посреќен го нема. Чест примерок низ Скопје и провинцијата. Вечно се расправа со казани, тегли и гајби. Се нешто вари, пече и клука под таратајката. Постојано е потурен и кошулата му е излезена од појас. Смолкнати му се панталоните и во костумот за по свадби. Во принцип: обожава калабалак. Тоа е единствен принцип што никогаш не го крши. Тоа што ќе го чуе на телевизија, за него е закон. Помислата да биде два часа сам, го избезумува. За друштво, до него секогаш трешти касетофон со турбо фолк. Од него лесно се настрадува. Ако вари ракија, ќе ве вика од улица да му ја пробате. Ако се правдате дека се брзате, ќе ја прати жена му да ја викне и вашата жена да ви се придружи на друштвото. И откако ќе дојде и жена ви, ќе ја прати жена му да донесе сирење за мезе. Кога Тошо ги трупи дрвата во двор, прво ги собира маалските деца па после ги праќа по татковците. Почнаа ли во двор со жена му да прават ајвар, чиниш за цело Скопје печат пиперки и да не ги избрка дома ноемврискиот дожд, до Нова година би се вртеле со мешалки околу ќумбето.

Румен се смилува и ни ја дигна рампата да влеземе во Бугарија. На него ништо карактеристично. Џандарска безличност. Капата оптегната до над веѓи, очи црни како телефон, задолжителни мустаќи, и убав и грд, и насмеан и намуртен, вејврни. Со рацете пикнати во џебовите на панталоните, се оптегнува и се подгрбавува, прозевајќи се. Нему и здодевноста ништо не му може.

Автобусот зема полет на удолнината што се префрла и на нас. Престанаа лошите муабети. Чувството на освојувачи победува. Бугарија отсекогаш штeдро ни се подава. Јавно си ги поткажувам чувствата: ваков полет никогаш не ми се појавува кога ги пречекорувам границите кон Север и кон Југ. Претпоставувам какво било чувството на милион и две, три стотините илјади напатени бежанци од Македонија што во незапирливи бранови веќе еден век се доселуваат во отечеството, првиот допир со слободно движење без страв, народен говор никому што не пречи, народносно чувство што здушува...

Сакам да се соживеам со мислите на младите нашинчиња кои за неколку години од загрозени судбини, од сиромашни бежански слоеви, од пепелашки што дотогаш не виделе ни струја, ни кревет, ни автомобил, ни трамвај, ни лифт... како за неколку години се престоруваат во чудесни лебеди во пронајденото јато. Нивниот лебедов танц одамна е претворен во мит, приказна слична од холивудските хепи енд стории. Несериозно е вакво згора-здола, евтино социологизирање за да се објасни зачудувачкиот феномен на забрзаното процутување и зреење на аутсајдерите дојденци. Тоа не се поединечни случаи, тоа е процес на нивно групно преродување, на себенадминување. Нивното облагородување до првите дадени плодови не трае повеќе од една деценија. А какви плодови, какви резултати, какви имиња - умот да ти штукне! Научници, уметници, политичари, градители, трговци, банкари, воени лица, угледни граѓани, крем на бугарското општество, многубројни меѓу недобројните, најуспешни меѓу успешните, лебеди што на престижни светски институции им правеа чест со своето име, генерации што дефинитивно го приклучија бугарскиот вагон кон европската композиција од модерни држави. Нивните резултати се највисокиот интелектуален врв до кој стигнал досега наш сонародник по потекло, што ние од македонска страна и по сите инаетења, можеме да ги гледаме со жабји поглед.

Најамбициозните врсници останати во Македонија најмногу што ќе успеат е да станат воспитаници на крагуевачката школа со перспективни занаети: пушкари, месари, ѕидари, железничари и шивачи, подготвувајќи се да изведат класична граѓанска војна што чади и денес под мантијата на револуцијата. Едните додека се европеизираат, другите се сталинизираат. Судирот е неминовен: вечен конфликт на Моцарти и Салиеровци. Неможно е да има милост инфериорниот дух на пушкарот Лазо Колишевски од Свети Николе кон профетскиот доктор по филозофија Димитар Гузелов од Дојран. Македонизмот е митската куќа во која живее салиеровштината. Проклетство или среќа, но Моцартите ни процутуваат во Софија. Како да го сфатиме тоа стампедо од изблик на секаков вид енергија што за кусо време ферментира и се канализира во бугарското општество. Дали сме им ние јаглеродот за да се претвори белото сурово железо во употреблив челик, неотпаран внатрешен џеб со закрпена пара за тешки дни, или ремен за сложениот народносен мотор за кој требаат доста преддејствија за да проработи.

Целиот наш потенцијал и ум и глупост, во Бугарија се подига на ен-ти степен. Со текот на вековите, македонските Бугари изградуваат конкавен, свиткан навнатре поглед кон другите сонародници.

Речено шеговито, донекаде гуливеровско гледање од високо. Така и не примаат другите народносни бугарски групи: Шопите, Рупците, Тракијците и Мизијците. И тие имаат профилиран поглед и чувства кон нас Македонците. Не гледаат конвексно, со набрекнати, испупчени зеници. Целата историја, литература, меѓусебните односи овој однос несомнено го потврдуваат. "Како јужњаци дајте му на Македонецот да се удира по градите, да прикажува и да се жртвува. Во неколку пункта од Македонија (Прилеп, Ресен и Охрид) луѓето се мислат за гении. И слепо веруваат, дека се солта на бугарството. Сите други за нив се "шопје" (Страшимиров).

Ние сме и на Бугарија долго време најголема мака и главоболка: поради нас дивите и нахалните, трпат најголеми катастрофи, поради нас им избиваат политички кризи, преврати, договори и преговори, поради нас се во дефанзива целиот дваесетти век. Предизвикот да гледаат на нас без емоции, ќе биде императив за бугарска политика спрема Македонија во дваесет и првиот век. Тоа не е едноставно за нив, колку што ни е лесно нам. Признавањето на македонската држава од нивна страна затоа е еднакво на себенадминувањето на Груев од минатиот век при формирањето на Организацијата.

Македонија е доскоро сол и зрно, импулс и кладенец на бугарството. Го разбирам романтичниот бугарски сон кон нас. Треба убаво да им било кога постојано им придоаѓала и ги облетувала виталност и креативност. Најдобрите примероци и најугледните семејства се иселуваат таму, а на нивно место Македонија се полни со социјалата од Тутин, Косово или Прокупле.

Кој е оттука умен, во Бугарија е уште поумен, кој е будала, таму го нема побудала. Големи креативци и жестоки терористи, скржави чорбаџии и префригани ороспии, сите се слеваат да покажат што знаат. Нашата мечка најубаво игра таму, на нашето шоу најубаво зинуваат братијата од Исток. Не дека на Север не се нудел наш потенцијал, во Белград многу појдени нашинци дури и кога постигнале нешто, никогаш не ја добиле ролјата на шоумен. Таму сме способни и вредни чокалии, но некој друг таму е освојувач и штимер, можеби Црногорците.... "Белград е ламја" за нас, тој не е буниште за наш петел. Таму нашиот влез е на малата врата. Сите кадри што го крепат македонизмот во Скопје, школувани и квалификувани во Белград, се со уништено самочувство и болна стравопочит спрема Север. Нема македонски политичар што прошетал низ сојузните кујни да мисли со своја тиква, нема за професор во Скопје поголем светски авторитет од неговиот белградски ментор, нема за македонските писатели на дуњава подобра литература од српската, а за музиката... ич да не арчиме думи.

Тезата пласирана од Цвиич и Белич дека сме флотантна маса и може секој да не обликува, најголемата навреда досега изречена за нас, ние штоја дадовме глаголицата и кирилицата, наследници на преродбениците и илинденците, денес си ја учиме без срам како главен аргумент на македонизмот. Неколку години нека се отвори бугарската граница како северната, нека имаме допир до сите културни производи и медиуми од Исток, па ќе ја видиме флотантноста на македонизмот на дело.

Македонија за бугарството е апејронот, кладенецот од кој се црпе и се обликува најчистата духовност од Борисово време доскоро. Таа кофа е единствената што не не загадува при црпењето.

Македонизмот обратное: туѓа кофа што го контаминира нашиот бунар на битието. Ние сме контаминирани и шириме отрови: Бугарија крка зеари и не знае како од нас да се заштити. Доскоро вадеше од нас мед, отскоро пие од нас пелин.

Флотантниот Тошо и компанијата се подготвуваат за слегување на шопинг во Ќустендил. Ветер ги вее. Зборуваа за Илијанци, а слегуваат сега.

Неколку млади момци и девојки зборуваат за испити. Студираат во Бугарија.

- Многу не има, чичко, сигурно сме со стотици од Македонија - ми одговара весело едно од нив.

Добро е, најпосле нешто убаво да однесе автобусов кон Софија. Вистинското место за наше образование.

Сакам да дремнам, но од возбуда не ми се спие. Ми се присторува дека станувам поубав од што сум, повисок од што сум, помлад од што сум, поумен од што сум, а едно јато бели лебеди лета над Јазовирите отаде Ќустендил.

http://vmro.150m.com/ms2/ms_niz.html




Гласувай:
0



Няма коментари
Търсене

За този блог
Автор: bugarash
Категория: Други
Прочетен: 2195509
Постинги: 190
Коментари: 1089
Гласове: 1975
Архив