Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Календар
«  Март, 2024  
ПВСЧПСН
123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031
Постинг
01.02.2008 15:35 - СЛАВЕЈКОВА БУГАРИЈА
Автор: bugarash Категория: Други   
Прочетен: 5283 Коментари: 1 Гласове:
0



Младен Србиновски

Во Македонија не важат школските социолошки параметри за разграничување на политичките струи по најопштата определба на политичка левица и десница. Политичкото и партиско класифицирање во Македонија е мошне различно од европските теоретски и практични стандарди што не значи дека таму има политичка збрка како што изгледа на прв поглед. Општествено-политичкиот живот во овој регион, во дваесеттиот век, работи според внатрешни железни закони на политиката со прецизност каква што ја немаат многу помирни европски региони. Негативните воени последици врз Македонија беа проследени со површни истражувања, па го дозатрупуваа пред јавноста внатрешниот логос на појавите со стереотипи од типот "балканизација", придонесувајќи и денес многу проблеми детално да не се претресат и порасчистено да се предочат.

Компетентни аналитичари во ставовите и дејствувањето на македонските политички партии забележуваат отстапувања според профилираните граѓански теркови за лево и десно, но никој не се обидува да го определи параметарот според кој се определува политичката боја на единката или политичката групација во Македонија (дури и поимите за партиски бои се измешани: социјалдемократската портокалова е посинета, а одењето подесно, кон синото, во Република Македонија е црвено).

Растворот од кој се обојува македонскиот политичкиот спектар од бои и нијанси е Бугарија. Според тој лакмус-тест на гледање и позиција спрема бугарскиот комплекс на проблеми, комунистичката власт го сортираше населението на добри-лоши, напредни-назадни, "родени"-одродени, пријатели-непријатели... Што поригиден став спрема Бугарија и спрема збирот од отворени прашања и релации со бугарската духовност - левичар си, што побеневолентен - десничар си. Воведен од време на Караѓорѓева Југославија во тогашната Вардарска бановина, според овој беспрекорно точен метод за проверка на своите поданици власта до вчера во самостојна Македонија наградуваше или казнуваше.

Ќе бидам личен: повоените генерации на социјализмот и да сакаа, не беа во можност да допрат до десничарска литература. Лично сметајќи се за типичен социјалдемократ, со силно влијание во младоста од Сартровиот егзистенцијализам, франкфуртовците и загрепските праксисовци, поради ненаучената лекција да мразам се што е бугарско, денес за македонската јавност сум краен десничар. Штом е македонизмот волунтаристички "избор", а не природен развој, нормално е неговиот метод да биде еклектицизмот.

Слегувам на автобуската станица во Софија. Настапува лакмус-тестот на делењето на патниците. Едни бараат такси за пазарот Илијанци, други за по определени државни установи. Мојата софиска институција е плоштадот Славејков. Најголемата книжарница под отворено небо на светот, најдобриот барометар на духот на Славејкова Бугарија. До слегувањето од автобус бев обичен патник, но со самата помисла да не одам на пазар, а да одам на "Славејков", станувам "опасен елемент" за македонизмот и македонската власт. До македонското осамостојување, беше забрането сакакво контактирање со Бугарија, но логиката на стомакот во наметнатите економски блокади дозволи контакти само со Илијанска Бугарија. Досега не сум бил на најголемиот балкански пазар Илијанци: мојата Македонија одамна работи по битпазарска логика. Сит сум од македонистичкиот пазар на ветриштата. Македонската власт веќе нема против нејзините граѓани што контактираат со бугарските "илијански" претставници од џепчии и застрахователи. Нивните "илијанци" и нашите "битпазарци" катадневно се во директен контакт со рекетарства, кражби и насилства. Опасноста за македонската битпазарска власт е кога македонски граѓани комуницираат со бугарските славејковци. Стравот е оправдан. Трагите на Славејкова Бугарија се потрага по скриената духовност. Внатрешната наша национална религија создаваше за овие децении елитистички слој на интелигенција, но нивната подготвеност е за внатрешна употреба, за манипулација, знаењето да и служи на лагата, македонизам со битпазарска превеаност. Македонската македонистичка интелигенција секојдневно работи со резонот на илијанските ашлаци и ние немаме свое второ, убаво, чисто и чесно лице на славејковците.

Истурените плодови на Славејков, плоштад на Духот од триста чекори, се спротивност на затворената Парцела од институциите на македонизмот од триста чекори во Скопје. Нема заштита за купиштата книги штом заглавијата излегле на улица: тие веќе се фатиле за гуша со дивотијата на илијанска Бугарија што во моментов се шири и се обединува на Балканов. На други плоштади на Балканот дури се вадеа и се продаваа калашникови, кокарди, ножеви и бајраци, Бугарите на улици вадеа книги. Мало плоштатче светлина во балканска темнина е сепак надеж! Никакво повлекување, никако назад, никакво отстапување! Стравот од големата, непобедлива и сурова илијанска Бугарија со која ме плашат во македонскиот печат, на оваа парцела во мене дефинитивно се руши.

Политичкото интегрирање во Обединета Европа за балканскиот регион е сe" уште ризично и кршливо, но Западот кога ќе се реши на таков чекор, првото подавање рака ќе биде кон Прусите на Балканот, кон милениумскиот европски дух на Бугарите. Славејков уште долго време ќе биде најисточната цврста европска точка на која може безбедно да стапне западна нога. Сите преговори и кредити за спас од дивотијата на обединетиот илијански Балкан треба да се одвиваат на софискиот Славејков, или барем да се има свест за него. Убеден сум: Запад полесно ќе пушти пари. Ќе знаат што спасуваат со нивната помош, посредно дека себеси се осигуруваат. Славејковата културна реалност ја турка Бугарија кон иднината повеќе од каков било скржав монетарен заем. Бугарите во балканската менажерија, најевропскиот народ на Балканот, треба со закон да се штитат како редок, загрозен вид примерок.

Двата спротивставени пола на бугарската стварност денес водат прикриена војна: елитниот и културниот со простиот и дивиот пол. Книгите не им ги избрка од книжарниците пазарната логика: надвор беа избркани од бескрупулозниот Илијанци. Досегашниот систем што божем заштитуваше култура, само придонесе таа да атрофира. Желбата да заздравее и да прооди на овие плочници е шлаканица врз илијанштината, врз балканштината.

На Македонската територија илијанската дивотија се случи по Балканските војни кога беше уништен егзархискиот образовен и црковно-просветен систем, своевремено еден од најнапредните европски образовни системи со затворање илјадници училишта, читалишта и цркви, со протерување стотици учители и попови, со уништување недобројни книжни фондови, трансформирајќи ја илијанштината по Втората војна во државен битпазарски образовен систем.

Илијанци е потребен, логиката на Илијанци е опасна. Со логиката на доларот, Америка го собира најумното од цел свет. Илијанци дава, но Славејков го облагородува. Не му треба идеолошка заштита на Радичков, му треба простор за полет кон јазици и култури. Дадека ги милувам со поглед куповите книги по сергии, во одбрана на Славејков, најголемото бугарско и балканско духовно антитело, ми иде да крикнам колку ме држи глас: ќе ти бидам вечен ополченец!

Илијанска Бугарија во многу нешта потсетува на бившата Авнојска Југославија: целата во еуфорија на кафеански дерт, на која и добронамерно ако нешто и забележиш, те јаде: за на крајот, да се изеде самата себеси. Југославија се растури зашто немаше сили да создаде слој на славејковци. Не декаја мразевме, Тито беше идеален илијански кадар и борец против славејковците. Во негово време Словенија беше нашиот Славејков која ништо не можеше против непринципиелната коалиција на здружените републички улични кадри. Нашиот непреструктуиран македонизам си остана Илијанци без Славејков, опашка без глава, егзистенција без идентитет, стомаче прејадено до посер од храна на кредит, кое прашање е дали ќе го спасат и интелактуални санкции.

Јануарските софиски протести од пред две години и смената на илијанското бугарско раководство ја потврдија силата на славејковците. Тоа е бугарскиот датум од кој им почна дваесет и првиот век. Ме гледаат со топлина од огромните улични плакати лицата на тројцата мускетари на бугарските реформи:

Стојанов, Костов и Софијански: решени токму оваа генерација да се пресмета со илијанштината и да ја префрлат Бугарија во новото илјадалетие. Бугарија има колективни трауми и национални катастрофи, но победата над уличарската Бугарија од "втората", културната Бугарија со имиџ и традиција што ги задолжила со достигањата на духот барем словенските народи, каде што сe" уште страотно се чита и секој бугарски дом има по еден ѕид книги, ќе биде победа за целиот Балкан. Бугарија повеќе од милениум е реморкер на Балканот за Европа, но Европа секогаш како да нејќеше тоа да го разбере.

На блоковска и поделена Европа и требаше балканизацијата и илијанизирањето на Бугарија и од тој шинел се појави и македонизмот, но нејзините стремежи кон вистинска, обединета Европа не ќе се реализираат ако не заиграат на древното бугарско европејство што ја преведе Библијата на четвртиот јазик во светот. Блоковска Европа играше низ деветнаесеттиот век и скоро низ целиот дваесетти век на Србија и секогаш кога Стариот континент се дели, ќе игра на неа, но ако се обединува, Бугарија е нејзиниот балкански сојузник. Европа како целост од империјалните игри само губеше и се намалуваше и таа секогаш губи кога губи Бугарија.

Македонизмот - останата опашка на империјализмот - денес е последната европска ледина на студената војна и колку да е географски мал иништожен, без асолно седнување за негово преструктуирање, останува да боцка во европските чевли. Иднината му дава смисла на минатото ако има перспектива, но на македонизмот, како перманентна закана самиот на себеси, иднината му е катастрофа. Нетрпеливоста и инцидентите секое лето во Охрид меѓу охриѓани и скопjани е судир на дивото со питомото, на калемот со коренот. За половина век тој доволно покажа дека не може да биде врзивен елемент на македонското национално шаренило. Друга беше духовноста што низ милениуми го врзуваше и и даваше белег на национално шарената Македонија.

Бугарскиот парадокс е што секоја држава на Балканот колку беше поевропејска, повеќе беше казнувана од Европа, а колку повеќе е балканска, повеќе добиваше. Тука извира изворот на познатата бугарска немоќ со реваншизам да исправа неправди поради своето европејство: неказнетата балканска превртливост што потајно и завидува на Бугарија дека од нејзиното европеизирање, тие ќе загубат. Дуализмот што го раскинуваше и го обезличуваше бугарскиот граѓанин до зимските настани пред Парламентот, почнува да дава резултати кај "Јапонците на Балканот". Додека не почнат да се берат плодовите на покажаната граѓанска смелост, природни се двоумењето и резервите.

Посакувам мојата присмотра од Скопје да ме регистрира на Славејков на моите јавни средби и заговори со бугарските книги. Можна ли е ваква невидена книжевна продукција во толку осиромашена држава или за мене само денес ги имаат прекрцкано сергиите. Целиот македонизам е борба против Славејков! Како што фамилијата на генијалните Славејковци е замината од македонски краишта, така и нашата преродбенска разбудена духовност одамна е истерана од Македонија. Избрканото преродбенство со бугарски предзнак од македонскиот регион и со сето историско паметење денес е стационирано на овој софиски плоштад. Илијанци ни се пика под нос, а Славејков ни се трга зад седум планини. Концентрацијата од вековната духовност компримирана на неколку стотици квадратни метри ме држи како Аријаднина нишка низ лавиринтот на секојдневието. Нашиот папок, разум и проекција во иднина се неможни без Славејков. Ја загледувам на две места и мојата книга. Купувам фототипни изданија на многубројните наши непомакедончени преродбеници на новиот македонски правопис и без предговори, а земам и најексклузивни заглавија на преводи од елитни светски автори од разни дисциплини. Најактуелното од светот за најбргу време што атерира на ова книжарско леталиште, но од каде што и најдоброто од Бугарија летнува на другите светски духовни писти.

Се присетувам за забелешката од момчето во автобусот овде што студира дека тукашните колеги по малку го сожалуваат. Предизвикува завист што е поситуиран, но го жалат што си го изгубил својот Славејков. Без негово пронаоѓање, и од мене ни ред немаше да излезе! Можеби е најумно Славомакедонците да студираат овде, а останатите македонски националности во Скопје.

Одговорот на бугарскиот проблем за европски имиџ е јасен, но мачно изводлив: богатството, претприемчивоста и виталноста на Илијанци и ѕидот книги на Славејков. Три ѕида Илијанци, еден Славејков. Рушењето на библиотечниот ѕид од книги што ги има во секој бугарски дом, може да се престори во балкански ѕид на Плачот. Само преку Четвртиот ѕид е можно балкансќото извишување: без него зјапаат три ѕида на дивотијата.

Македонизмот што го разруши сопствениот, Славејков ѕид на преродбата, не успеа со репресии и фалсификати да изгради новоферментирана духовност. Со тој обид не само што не се изгради европска Македонија, туку ја турнаа во најголемиот провинцијализам на духовен, етнички и економски колапс. Втората половина на дваесеттиот век Република Македонија игра во најбуквална смисла групен театар според учењето на Станиславски. Набеденоста дека има Четврти ѕид на сцената кутија од кај публиката и да се апстрахира гледачот со божемно најприродно однесување како во животот е групна игра на целото општество. Ова е најмасовниот и најдобро игран Станиславски на сите времиња во држава-театар! Македонизмот е толку концентриран во себе што веќе одбива да признае дека светот од Четвртиот ѕид гледа претстава. Духовниот Берлински ѕид поставен кон Бугарија е заѕиданата сцена. Само некултурните гледачи од публика, со дофрлувања и непристојности, ужасно ги деконцентрира и ги потсетува на суштествувачката јавност. Жак Дерида напиша цела книга за симулација и симулакруми на комплетни општества.

Ептен кратковидни се божемните опозициони размислувања дека суверена Македонија е во демисија, отстапување поради лошо водената политика на владејачката гарнитура што го доведе на тестирање државниот идентитет, името, јазикот и карактерот на државата. И власта и опозицијата се потпираат на истите аргументи: 2 Август 1903,11 Октомври, НОБ, АСНОМ... за сопствениот суверенитет.

Македонија во државотворна смисла е повеќе идеја отколку историска реалност и тука, како и за многу работи, испаѓа поумна, до вчера, владејачката СДСМ гарнитура. Ние имаме повеќе аргументи ако бараме и внатре и надвор разбирање за историскиот развој и предности на идејата за самостојна Македонија отколку да си лиферуваме "ноторни" факти за внатрешна употреба како историски аргументи на македонизмот. Неубедливо е тврдењето дека комунистите и сегашниот владејачки наследник СДСМ се откажале од нивната гордост 11 Октомври, НОБ, АСНОМ и во Македонија се е дојдено под прашање. Нивната мудрост и државничко искуство е доволно големо: сфаќаат дека нивните историски датуми, крешчендо на Сталиновиот волунтаризам, ама баш никого во светот не го обврзуваат како што не обврзуваат никого ни битките кај Ис, Водоча, Крушево или Караорман или референдумот за Илирида. Лукавите комунисти видоа дека српската идеја за југословенството пропадна па се фатија за бугарската, за независна Македонија против која најжестоко се бореа. Југословенството ако сосила од нас направи новородени, власта за внатрешна употреба сервираше првороденост.

Околноста преку југословенството да може да се покрие една опасна балканска рана отворена на Берлинскиот конгрес, беше мегународно поддржувана во Титова Југославија. Македонизмот, според Сталин, како посебна македонска нација и јазик прифатени само од Комунистичката партија, беше лесно изводлив по Втората светска војна. Другите политички субјекти за кои ништо не значеше овој став на Авторитетот, беа загушени, а политичката сила што ја обврзуваше спроведувањето на ова учење во федеративна Југославија беше и единствена партија на власт. Добиената карт-бланш преку идеолошката клучалка на македонизмот да се набљудува и да се објаснува минатото не беше прокоцкана. Македонизмот беше сјаен џокер за југословенството.

Политичките партии што се појавија во плурализмот во самостојна Македонија се апсолутно необврзани спрема овој став, особено видлив кај т.н. албански политички блок и затоа "дефектната" додавка врз референдумското прашање за суверена и самостојна Македонија со право на здружување во иднина е логична за македонизмот. Владејачката прокомунистичка структура не запнуваше за самостојноста зашто е свесна што носи повторното отворање на балканската Пандорина кутија и тука нема што да им се земе за грев. Своите гнасни алишта никој не ги вади, па ни тие. Во недоумиците се потврдуваат како поитри и секогаш ќе гледаат при укажана шанса кон некого да нй припојат, со исклучок Бугарија. Описното име БЈРМ на сегашните состојби во кои се наоѓаме, се движи кон новите описни состојби: Бивша Југославска, а идна Гркославска. Наскоро ќе се види како ќе се снајде новата десноцентристичка коалициона власт во затекнатата македонска политичка каша. Од необмислени потези, освен младата држава, особено можат да настрадаат четирите историски букви ВМРО низ чие дејствување се дестилираше идејата за самостојност.

Во педантните иследувања на проектите за политичко решавање на овој исклучително комплициран регион, Западот се определи за најогноотпорниот, за автономистичкиот на Даме и Гоце, т. е. на незадоволниците од Берлинскиот конгрес или уште поточно, за идејата на македонските Бугари самоорганизирани во ВМОРО. Ова е потаен гест на Западот за извинување на сопствените потези од Империјалистичкиот период, но и признание за далновидноста и пројавената мудрост на едно расчеречено население на Балканот. Форсирањето за наше директно потекло од античкото племе на Александар Велики е дефинитивен доказ дека и опозицијата и позицијата нејќат славејковци, туку како досега, имаат намера да дивеат битпазарски.

Состојбата по којзнае кој пат повторно е вратена како од времето на Кирила, Климента, Кусева, Прличева, Шапкарева... и нивната борба против грчкото духовенство: овојпат, наметнато од своја власт, од оние што небаре нив ги истражуваат и на нив се воспитуваат. Платените македонисти се најизјавени патриј аршисти. Ако рече Гарибалди дека - "Создадовме Италија и сега треба да создадеме и Италијанци", ние од дозволата на Европа за самостојна Македонија, создаваме бугаромразци како божемни Македонци.

Одамна имав желба да го видам Црнушанов и моето одење во Софија не смееше да jа пропушти шансата првпат да сретне човек што учествувал во правењето на нашата историја. Сенката на одроденоста наметната од нашите медиуми врз вакви личности тешко ја потиснував за тие час и пол разговор. Осумдесетгодишниот бистар старец ја прочита мојата збунетост па низ смеење ми вели: "Не притеснувај се толку, не си единствен од Македонија што си дошол кај мене. Сите ваши историчари и академици таму што пишуваат што ќе им текне, биле по задача кај мене. Вие што идете искрено е друго... Нема да ви заборават, знам кои се. Ама многу сте". "И јас знам кои се", му одговарам. "Дојдете во Прилеп додека сте жив, после и онака ќе ве помакедончат, ќе речат сте биле во заблуда." "Мислиш"... - и долго се смееме. "Тие Ванчо Михаилов го помакедончија, па не тебе"... Тоа беа и најинтересните реплики од средбата со човек што се уште рицарски ја живееше Македонија како јапонскиот царски војник по четириесетина години, некапитулиран што престојуваше појапонските прашуми. Можеби подобро е така што замина Црнушанов на брзина потоа, зашто дури и за него не ќе беше триумф ако сфатеше дека македонизмот што го редеше во непријателите е пред капитулантство.

Излегувам од кај Црнушанов и налетувам на Константин Оруш како го шета кучето. Седнавме на едно кафе. Тераме муабет, ми дава комлименти, но не оди. Како да ги слушам скопските македонисти. Отворено му велам: имаш оплакнат ум. Токму македонизмот нема перспектива и тој не уништува: колку побргу не сфатиме, можеби има оправданост за надеж. "Сега излегов од кај Црнушанов кој е реалност, тој нејќе да чуе за мојата и твојата реалност, во Скопје пак, нејќат да слушнат за неговата реалност, ти не ја гледаш неговата реалност, а јас се трудам да ве разберам како реалност". Балканот е натапкан, повеќесобен стан без куќен ред каде што секој се тиска во својата соба и му пречи на другиот. Четвртиот ѕид што и недостига на македонската соба, што самата го уништуваше, е истиот ѕид од библиотеката на бугарскиот дом. Уредувањето на македонскиот духовен ентериер секогаш ќе треба да се сообразува со заедничкиот ѕид со книги од кои заедно ќе се служиме: наследство на заедничките предци.

Има, му велам, еден метод според кој ги редам лугето во Македонија: зборува ли некој, требало не требало, против Бугарија, тој е или полицаец или не е воопшто од егзархиско семејство. Сомнителен е државниот македонизам што е против минатото на сопствениот народ. На Оруш очите му се закиселуваат, не му е пријатно. Скржаво почна да ми признава дека историски имам право. Презимето ме потсетува на Попорушеви од штипското семејство на Тодор Александров. Ми потврдува дека по една линија е од семејството на славниот воин, а по друга црногорско. Од прв момент кога се запознавме во Скопје, му велам, те познав по размислувањето како кршкаш. Затоа те ескивирав кога ми бараше мои текстови: јас пишувам на македонски, но не мислам македонистички и можам да претпоставам како ќе ме прочита твојата поетика. Се разделуваме студено.

Одам на автобуска станица, толкуе моето време во Софија: една ноќ и нецели два дена. Ваква емотивна напрегнатост не би можел повеќе да издржам. Ниту нешто каснувам, ниту сон ноќта ме фати. Така ми е секогаш на неколку пати што сум бил до Софија.

Таксистот испадна ми е земјак. Неговите биле од Волковија (всушност, не можам точно да му го напишам името на селото како што го изговараме ние во Гостиварско со темниот вокал), на петнаесетина километри од Вруток мој. Нејќе да земе бакшиш и ми ветува дека ќе дојде во Гостивар. Ме остава на "Дамјан Груев". Големите улици ако не во Скопје, барем низ Софија ги носат имињата на преродбенците и илинденците. Битолскиот "Транскоп" за во пет е поставен. Сакам, сепак, да проверам. Окатен балабан што ги отвора багажниците треба да е шоферот.

- Овој е битолскиот за во пет.

- Не.

- Друг ќе има.

- Абе, ти Македонец си.

- Македонец.

- Овој е за во четири!

- Ова ли е билетот за кај тебе.

- Тој!

- На него пишува, во пет.

- Пушти ги ти Бугарите што пишуваат, јас што ти велам!

- А, извини, ти си бил македонски патриот среде Софија.

- Ти не си!

- Не сум.

- Ебати Македончето, никојпат само не се почитува.

Пред тргнување, шоферот на патниците им раздели сок и бисквити. За мене немаше. Премолчев.

Во Ќустендил чекаа познатите од доаѓањето. Торби и пластични кеси го преполнија автобусот. Се подготвуваат полесно да поминат на граница. Циганки сосила ми даваат да им пренесам трикотажа. Ќе ме истепаат што ги одбивам. Тошо не можев да го одбијам: му зедов штека цигари и виски. Ми стана другар од едно патување, ако му кажам точно кај работам, ќе ми дојде на работа. Ќе најде некаква причина дека не можел да ме одмине.

Најубава професија на светот е балкански цариник. Нема мајстор што би го постигнал тоа дејствие на филм. Ми ги гледа цариникот книгите и се чуди. Не знам што му врви сe" низ глава, арно сигурно не. Да се царинат десетина книги, досега не сум чул. Ако ми прави проблеми, па нека ги земе. Вади една што фатил и баш "Болгарските старини от Македонија". Кај ја најде баш неа, кај не го фати Сартр, или Тојнби. Толку ли сум малер.

- Бугарска пропагандна литература носиш.

- Не, јас сум новинар и пишувам за бугарската пропаганда во Македонија и затоа такви книги ми требаат.

- Кај работиш.

- Во Македонска телевизија...

- Во Македонска, ааа... Му се разведри лицето. Проверен сум, државни чиновници сме и двајцата. Ме пушти.

Ја затворам торбата и се чудам како можев со таква ниска одбрана да се послужам. Смеев ли толку ниско да паднам за книги со стојност од педесетина марки. Избрав најбезболен или најбезобразен начин да пројдам. Што би направил ако се исправам пред потешка ситуација. Треба ли поради мојата слабост да се правам дека ги разбирам долните работи на моите опоненти. Вака ли ненадејно од нас се буди Јуда. Зар и јас. Замајан од тешки мисли, изморен, некаде кај рафинеријата Миладиновци, сум заспал.

http://vmro.150m.com/ms2/ms_slav.html




Гласувай:
0



Следващ постинг
Предишен постинг

1. mglishev - Хубав текст, силен. Ама остарял. . . ...
17.12.2009 02:42
Хубав текст, силен. Ама остарял... Нито "тримата мускетари" се оказаха мускетари, нито Славейков е същият като през 1997, нито българите се оказахме европейци. Върнахме се на Балканите. Илиянци победи.
цитирай
Търсене

За този блог
Автор: bugarash
Категория: Други
Прочетен: 2185183
Постинги: 190
Коментари: 1089
Гласове: 1975
Архив