Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Календар
«  Април, 2024  
ПВСЧПСН
1234567
891011121314
15161718192021
22232425262728
2930
Постинг
17.03.2007 22:07 - МАКЕДОНСКАТА МИЗЕРИЈА
Автор: bugarash Категория: Други   
Прочетен: 1704 Коментари: 0 Гласове:
0



Младен Србиновски

Од присутните повеќе од еден век во Македонија генерално, два вида врховизми: бугарскиот и антибугарскиот, денес се развиени и модулирани две спротивставени гледања во науката и во јавноста за комплексот проблеми сврзани со овој централнобалкански регион. Нивното настанување се совпаѓа со периодот најакнењето на империјализмот на големите светски сили и империјалистичкото влијание врз судбината на Македонија по Берлин во 1878, и таа материја е апсолвирана во науката. Дотогаш овој регион со најмногубројното население во него беше третиран како дел од бугарската духовна целост, но со овој политички абортус на империјална Европа се создаде македонската рана што инфицираше секого што ќе ја допреше, претворајќи го Балканот со децении во данс макабр и на микро и на макро план. Околните балкански држави штотуку ослободени од османлиска Турција, кројат планови и пактови како да му го приграбат овој дел на "болниот од Босфорот" и климаксот се Балканските војни и распарчувањето на Македонија.

На микро план овие претензии и дејствија на балканските држави кон Македонија во науката и политиката се дефинирани со терминот врховизам. На макро план, климаксот на империјализмот е делот од Источниот фронт од Првата светска војна што се води на оваа територија.

Балканскиот врховизам и меѓународниот империјализам се комплементарни и при посликовито објаснување, локалниот специјалитет врховизмот, може да се нарече балкански тип империјализам. Расчленувањето на битието на балканските врховизми, освен што е пишување на историјата на македонскиот пекол, тоа е дофаќање најатката на хармонијата во хаосот на жестокостите од последните два века. Овој текст може да биде само скромен нацрт за ненапишаната политичка социологија за поновата историја на Македонија.

Двете посочени класификации на врховизмите во Македонија, бугарскиот и антибугарскиот, и покрај многуте нијанси, се направени според нивната природа: две матрици меѓусебно исклучиви.

Македонските Бугари како доминантни во откинатата целост и повторно вратени во Османлискиот комонвелт се единствените во национално шарената Македонија што не увезуваат духовност однадвор, туку обратно, од Кирил и Методиј до Преродбата, оттука извира и се експортира бугарството повеќе од еден милениум кон другите региони. Посреќниот, ослободениот дел од Бугарија немаше потреба да создава свои поданици во Македонија, најмногубројното истородно население најчесто само ги повикуваше своите браќа да му дојдат на помош. За разлика од нив, другите околни држави со појавените територијални аспирации спрема Македонија на "вештачки" начин создаваат или го зголемуваат таму своето население или лоби групите.

Бугарскиот врховизам затоа е дијаметрално различен од другите антибугарски врховизми, тој има реална почва и собрано незадоволство против решенијата на Берлинскиот договор. Берлинските правила од договорот за поставување граница меѓу истиот народ од Бугарија направија да биде само една од еднаквите околу Македонија! Таа "справедливост" на Берлинскиот договор, многу подоцна, ирониски му се врати на самиот Берлин, кога градот беше распарчен со прочуениот Ѕид.

Другите врховизми беа поттикнати токму од новонастанатата граница: немаа реална почва во унесреќената Македонија, но состојбите им одеа од рака, па коалицираа за нејзината делба. Методите користени за инсталирање цели инфраструктурни мрежи од: цркви, училишта, уфрлени герилци, пропагандни весници, трговија, агентура... не се непознати за науката. Колку се денес исклучени гајтаните од околните држави на овие неколку паралелни инсталации во Република Македонија не сум во состојба да одговорам, но знам едно: сака ли некој да ја испитува народопсихологијата на некој балкански народ, нека истражи со каква тактика тој се служел во областа Македонија во последниве век и половина и сe" ќе му стане јасно! Нема метод што не е употребен за лов на човечки души, нема непрактикувано средство од дебелиот балкански лексикон на суровостите.

Спроти сиве овие центрифугални сили тогаш се појавува една јака и исклучително влијателна политичка сила во овој регион што до ден-денес е оска на собирање на центрипеталната енергија во Македонија, организацијата ВМОРО. Неможноста да победи повеќе од еден век политичкиот концепт на нејзините основачи и идеолози за исклучување на гајтаните на влијание од околните држави и за формирање посебна автономна држава од сите граѓани внатре во Македонија, предизвикува вечно тонење во македонската мизерија.

Интенцијата на овој текст е: разгледување на односот на сегашниот владејачки македонизам во самостојна Македонија спрема идеите на ВМОРО за самостојна Македонија или скромен обид за излез од македонската мизерија.

И денес во независна држава и за време додека беше во југословенската федерација, науката често именува две становишта за Македонија: македонско и бугарско. Зад привидната прецизност е скриена манипулација. Божем македонското гледање што се развива и се форсира под државен патронат во Република Македонија од Втората светска војна наваму, се разликува од дотогашното српско стојалиште за Македонија.

Двете спротивставени сфаќања, српското и бугарското, по Втората светска војна се преименувани како: "македонско" и бугарско, т.е. југословенско и бугарско стојалиште. Науката што се произведува денес во Скопје оди верно по стапките на српската научна стратегија за Македонија.

Можете ли да погодите од кој скопски научник е овој цитат: "ВМРО била без сомнение внатрешна организација зашто постоела како таква во историјата на нашиот народ од југ во времето на ослободителното движење против турците: била македонска зашто нејзините членови биле македонци: исто така била и револуционерна зашто се служела со такви средства против постојниот режим на турското владеење. ВМРО имала сопствени материјални извори а нејзината цел била ослободување на христијанскиот народ од турците. По војните од 1912. до 1918., ги снемува причините за постоењето на ВМРО и тоа веќе не постои. Денеска постои Бугарски комитет но тој веќе не е ВМРО. Не е македонски зашто неговите членови се делумно бугари а делумно бугаризирани македонци кои одамна ништо заедничко немаат со својата земја."

Не мачете се, знам, не сте го погодиле авторот:

не погодив и јас кога ме тестираше еден мој пријател. По оваа прифатена шема на толкување на сопственото минато, во Македонија педесет години суштествува и се развива "научната историографија" и по овој шаблон е секоја историографска книга издадена во Скопје. Ова е напечатено во белградска "Политика" од 2 јули 1929, иако изгледа толку многу современо и толку македонистички, како денес да го напечатиле тукашни весници.

Зародишот на оваа стратегија е секако Гарашаниновото "Начертание" со изложената офанзивна политика за освојување нови несрпски земји, меѓу кои и Македонија. Стојан Новакович е тој што оди чекор потаму и советува преку моделираниот македонизам спротивставен на бугарската свест, да се уфрли српството на мала врата меѓу бугарското население во Македонија. Цвиич и Белич се обидуваат ова "научно" да го докажат и да го поткрепат, прогласувајќи го најмногубројното население на оваа територија за неоформена маса без свест и паметење. Јован Цвиич е првиот научник што во 1909 ги поделува Словените на овој регион на три групи: Срби, Бугари и Македоно-Словени како што дотогаш на ниедна етнографска карта не се претставени. Чуповски и Мисирков конкретно ја операционализираат идејата како да се протурка македонизмот меѓу нашите предци. Всушност, "За македонцките работи" на Мисирков е концепт како да се одвои ова бугарско население од она во ослободена Бугарија, иако "доскоро сме биле едно етничко цело". За патријаршистот Мисирков за Македонија се штетни и Гоце Делчев и ВМОРО и Илинденското востание... Четирите статии напишани и прочитани по определени поводи, а потоа компилирани во една книга, денес се библија на науката и образованието во Република Македонија. "Новото течение" на Мисирков се одржавотворува од Колишевски на АСНОМ, а се етаблира од Конески како национална платформа. Оттаму, срцевината на науката за националните прашања во Македонија е сосема исправно кога се нијансира не како македонска, туку како македонистичка. Скопските протагонисти самите го презедоа и го употребуваат терминот македонизам од Новакович, давајќи му во зависност од околностите и различни лексички значења. Ловот во терминолошката жабокречина е најголемиот сојузник, но и најголемиот потенцијален непријател на македонизмот.

Подробностите на постојните две научни гледишта кон Македонија затоа имаат потреба од допрецизирање како: македонистичко и бугарско, антимакедонско и македонско, србоманско и бугарско или македонистичко и македонско. Поистоветувањето на македонското гледиште со бугарското не е материјална грешка: ист е темелот, погледот кон минатото без фалсификати и "толкувања", иако целосен современ модел на автономен македонски поглед на нештата сe" уште не е изграден и во натамошниот текст ќе се разбере причината за несуштествувањето на наведената дистинкција. Формулата за неговото конституирање е полесна отколку лукавата терминолошка замена на македонскиот со македонистички поглед.

Независноста на Македонија и македонскиот поглед на нештата поставени преку ВМОРО уште од првиот член на нивниот Устав," ...да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност...", и по еден век е далеку најприфатливата граѓанска проекција за сплотување "на сите незадоволни елементи". Република Македонија, засега, сe" уште произведува само незадоволни елементи.

Егзархистот Гоце Делчев и патријаршистот Крсте Мисирков се двата антипода, репери на двете непомирливи струи, македонска и македонистичка, на градба и разградба. Македонистичката наука и двајцата ги велича, но никогаш не ги прочешлува и спротивставува, свесно измислувајќи континуитет во дисконтинуитетот. Целиот тој долг процес на истиснување на нашата духовност и полнење со туѓа е убаво објаснет кај Димитар Димитров. Гоце служи како параван, а Мисирков е инструментот. Досегашната педесетгодишна властја избегнува нивната конфронтација, плашејќи се од празнината што ќе зине под гнилите штици по кои досега чекори. Македонизмот е инсталација без почва: јазол што сите нe" сопка, но драконски се брани.

Терминолошкиот хаос се уште е побратим на македонизмот. Наскоро под поимите "Македонија", "Македонци" и "македонски јазик" ќе можете да подразберете и сирење. Грците под поимот Македонија подразбираат античка провинција, Бугарите еден од регионите со мнозинско бугарско население, ние го сфаќаме како име на нашата независна држава, четврти како етничка територија на Македонците, петти како државата на Александар Велики...

Грците под поимот Македонци подразбираат антички племиња, Бугарите ги сфаќаат како една од народносните групи на нивниот народ, во Скопје тој поим определува посебен народ со свој јазик, историја и култура...

Грците под поимот "македонски јазик" подразбираат антички јазик од времето на Александар Велики, а сега непознат, за Романците тоа се ароманските наречја, за Бугарите тоа е еден од бугарските дијалекти, поточно западниот дијалект, а за нас тоа е современиот, официјален јазик во Република Македонија...

Убаво воочувајќи го овој терминолошки хаос, Ото Кронштајнер не без иронија се потсмева со македонските состојби дека најлесно им е на Италијанците: тие секогаш под "македонска салата" подразбираат една иста, вкусна мешавина од овошја.

Спорот со името меѓу Грција и Македонија е смешен, но ниедна наука не дозволува терминолошка каша. Обидите за воспоставување ред во македонскиот јазол од проблеми, најжестоки противници повлекуваат токму од тукашните македонисти. На нивната институционална платеност за ловење во матно им годеа досегашните недемократски состојби и поларизирана Европа, макар што никој не ја оспорува македонската потреба од барање сопствен идентитет.

Идентитетот за австриската нација во деветнаесеттиот век, вели Магрис, баронот Адријан Вербург по многу преиспитувања, го наоѓаше во неопределеноста како битиеблагороден мит зашто е необичен. По добиената независност на Република Македонија, нашето патување има право да оди во сличен правец. Единствената димензија во која живееме е сегашноста и за неа историјата не суштествува. Македонија била дел од бугарската душа, бугарската гордост и бугарската болка, па мисијата на македонизмот дури и со одрекување ќе ја возвиши бугарската идеја ако успее во темниот вилает на Балканот да создаде нова легура и со подобри својства од културите во околните држави. Тоа се совпаѓа со идејата за Македонија како мултикултурна средина, а се совпаѓа и со идејата на ВМОРО.

Идејата за самостојна Македонија е идеја на бугарска организација и водач, македонски Бугарин по чувство и потекло и со тоа треба да се на чисто сите граѓани во Република Македонија, без оглед на потеклото. Прифатлив е за секого, како што и тој искрено беше за сите. Ѕидајки го денес македонизмот како државен антибугарски врховизам над темели од бугарска идеја, ние сами ја правиме македонската самостојност пивтиеста, а територијата на самостојна Македонија полигон на вечна криза. Еден провинциски учител од заостаната Турција отиде толку далеку надминувајќи се себеси, форсирајќи го како политичка визија заедничкото живеење на македонските Бугари и другото население.

Мешаните бракови се биолошкиот извор на таа концепција, но без сопствено надраснување, без гоцевизирање на секој граѓанин во Македонија, сепак е неможно нејзиното заживување па макар вечно да не чуваат сили за безбедност на Обединетите Нации. Немирната игра на Еросот засега е преслаба во однос на мртвилото на Танатосот. Искреноста кон ликот на Гоце Делчев и компањоните и поклонот кон неговото дело од сите македонски граѓани би бил знак што меѓусебно топли. Не треба Гоце да се сервира од македонизмот каков што не бил па да го намразиме. Не е тој бајрак за див триумфализам, но не треба и да се фалсификува и да се извртува за да биде божем поприемчив. Доволен е неговиот обид за исчекор од место конципиран во политичко дејствување како кај ниеден друг национален деец на оваа територија. Толку европејство во таква балканска душа не доаѓа од неговото европејско образование колку од неговата незаматена човештина. Осакатени без оваа логика, македонската историја ја правиме одбивна не само за најмногубројното население од кое потекнуваат Даме Груев и Гоце Делчев, туку и за оние сограѓани со поинакво потекло, конструирајќи по учебници бедно минато на јаничари и купени луѓе од околните држави. Од таквиот резон излегува дека смртта на браќата Миладинови или Гоце е смрт од заблуда на луѓе кои не знаат за што гинат или, уште полошо, дека целиот живот биле бугарски шпиони. Неподготвеноста да се соочиме со вистината, прави да репродуцираме нови и нови делби што можеби е цел на владејачкиот партиски македонизам.

Лесно е да развеваш бугарско лавче, да пиеш пиво и да врескаш "Солун не го даваме", лесно е да ставиш српска кокарда и да не прозбориш збор на македонски, а да си роден во Македонија, а најлесно е да ставиш албанско кече и да се штутиш недоверливо со забулената госпожа на два чекора зад тебе. Тешко е да се самонадминеш со разумот над инаетот. Македонија можат да ја бранат и да ја поддржуваат силите на Обединетите Нации, но таа нема да успее никогаш доколку духот на "Начертанието", во поблага или поостра форма, остане да егзистира во официјалната идеологија.

Гете му даде шанса во Фауст за победа на вештачкото над природното, создавајќи го хомункулусот во лабораторија. Естетиката на постмодернизмот оди во прилог на таквото размислување и беспотребно е од петни жили создавање нов идентитет со целосно бришење на стариот. При неизгубената стара основа, ние самоја збогатуваме сопствената природа. Барајќи разлики во поединечното и регионалното, болшевичкиот македонизам не може да го смири минатото:

гледан онтолошки, македонизмот во битието е провинцијализам и мал чекор кон негово европеизирање и пограѓанчување ќе настане дури по одбележувањето на точката на вкрстувањето на двете расчленети, противположни гледишта за Македонија. Тоа ќе е вкрстувањето на бугарскиот и антибугарскиот врховизам од кој ќе произлезе македонската резултанта на секојдневието, македонски поглед на нештата што води сметка и за историчноста и за сегашноста. Равенката со една непозната: нефалсификуваната доминантна бугарска духовност плус идеолошкиот постоен македонизам е еднакво на граѓански македонизам.

Македонизмот денес присутен најавната сцена во самостојна Македонија и во славистичките кругови по светот кои работат со оваа материја е се уште лижење на раните од одделувањето од Југославија. Непреструктуираниот македонизам во Македонија и бошнаштвото во Босна и Херцеговина беа југословенство пар екселанс, двете нозе на Титовиот југословенски експанзионизам. Нека закрепне малку Босна од раните и омразата, во Македонија веднаш ќе ги пуштат роговите македонските југоносталгичари. Иницијативата на југословенството секогаш ќе тлее кај двата нејзини хумункулуса, Македонците и Бошнаците.

Нашиот ментор, српската политика, често при југословенските расправи не прекоруваше поради молчаливост и недоволно лобирање за нив. Можеби со право. Тито секоја политичка акција или чистка ја изведуваше преку Македонија или Босна со македонски или босански кадри. Македонија и Босна му беа пример како да изгледа и како да се развива југословенството и џокер за отстранување на најпрогресивните реформистички струи. Македонија и Босна не се толку виновни за распадот и војната во Југославија, но носат огромна вина што не успеа навреме федерацијата демократски да се трансформира, индиректно кумувајќи за наплив на тврдите струи кои ќе ја рушат.

Југославија двапати крваво пропадна зашто не изнајде сили да се надмине, но и коминтерновскиот македонизам во Македонија ако не најде сили да се надмине себеси, го чека истата судбина. Без целосна и сестрана вистина за себе, ние сме некадарни да почнеме да градиме држава со почит од нас и од другите кон нас. Неизоставно е едно критичко преиспитување на сегашниот идеолошки, едноок, едноног, црвен, еднодимензионален и волунтаристички македонизам на ниво на сегашните потреби и процеси, свесен за своето настанување што ќе се претвори, најпосле, во стратегија на граѓанско кооперирање на живите и идеолошко помирување на мртвите. Нашиот непре-структуиран македонизам, Сталиново недоносче од над шеесет години, засега нема сили да го пензионираме. А време е. Тој и себеси и светот ги прима низ сопствената идеолошка клучалка, постојано градејќи и всадувајќи во индивидуите вистина за внатрешна употреба.

Требаше многу време за да разбереме дека сме жртва на најодвратна балканска игра, поттурена преку "македонизмот" за божемна достигната слобода. Идиотскиот максимализам за домашна употреба:

суверена држава на македонскиот народ и колективни права во околните држави не само што никој од нашите соседи и во светот не го поддржува, туку и наштетува и на Гоцевата толеранција, перманентно провинцијализирајќи не. Антимакедонскиот врховизам на власта веќе успеа во целост да вгради посебно, паралелно, расцепено мислење за домашна употреба, спротивно од она како светот нe" прифаќа и не" знае.

Вертикалната, антејска линија, појавена од длабини со апогејот Илинден од 1903, е задушена во Крушевската република, но хоризонталната линија, зачната по туѓо начертание што е увезена и уфрлена на власт на вториот Илинден, на АСНОМ 1944 владее до денес. Освен запазениот датум, втори август, надворешен знак за континуитетот со заседанието на АСНОМ, вториот Илинден нема никаква суштинска врсќа со првиот Илинден од деветстотини и третата. Тој е целосно негова спротивност, маска за заткулисна политика што и сега се игра во Македонија. Практиката е секогаш побогата во појавите и нејзиното богатство само посурово jа покажува антиилинденската политика на КПЈ, односно КПМ.

Идејата на ВМОРО и првиот Илинден е патриотска, ослободителна и романтичарска, а вториот е класен и секташки. Допирната точка на Илиндените во наднационалниот карактер не ги поврзува од најважната причина што Комунистичката партија на Македонија покажуваше исклучителна нетрпеливост спрема секаква пројава на бугарско национално чувство. Секташтвото меѓу партизаните во НОБ во Македонија дојдени преку БКП и КПЈ трае долго години и по победата над фашизмот. Апсолутно творечкиот и носечки елемент на двата Илиндена е истото, најмногубројното население од Македонија, но антибугарството на комунистите ја претвора антифашистичката борба во граѓанска војна. Ако идеолошкиот судир меѓу комунистите и бугарските фашистички војски во Македонија е во редот на разбирливото, како пресметка меѓу крајно десни и крајно леви сили, никако не може да се разбере логиката на перманентната партизанска чистка на партизаните дојдени преку БКП.

Торжествените пречеци на бугарските царски војски од населението во Македонија во 1941. и особено прочуениот пречек на цар Борис во Скопје во 1942 се уште се кријат како факти од црвените "второилинденци".

Првиот Илинден е со бугарски карактер, а вториот антибугарски и србомански. Првиот е македонски, вториот југословенско-коминтерновски, македонистички. Двата Илиндена се двете опции и гледања на Македонија. Победата на вториот Илинден е победа и одржавотворување на антибугарскиот врховизам филуван преку Титовото југословенство. Многубројни левичари партизани со бугарско чувство иако најхеројски се докажуваат во четиригодишниот судир, најсвирепо ќе бидат ликвидирани, затворани и малтретирани од југословенската УДБА. Автономистичката линија од првиот Илинден, директна нишка од Гоцевата, ќе биде пекол за илјадници семејства и поединци од плодовите на вториот Илинден. Од таа судбина нема да побегне дури и првиот претседател на асномска, федерална Македонија.

Масовните стрелања на соборци и граѓани на Божик, во првата зима на слободата, е само почетокот на пресметката со бугарскиот елемент. Самата употреба на зборот самостојност претставува тежок деликт. Апсења, претепувања, мистериозни убиства, бркања од работа, закани, заплашувања... е секој-дневието на "најубавиот систем на светот". Или си со нас или мисли му ја. Ако не си со нас, автоматски си против нас, против најпрогресивните светски сили. Нови пријатели, нов литературенјазик, нова историја, нова литература, нова црква, нова свест... нов човек.

Македонизмот ги живееше во југословенството ѕвездените моменти зашто самиот е југословенство, тоа му беше агрегатот за напојување, давајќи му ја волевата енергија. Пишувај што ќе ти дојде против Бугарите и сето македонизмот ќе ти го позлати:

твоето напредување нема крај: зини ги само трите желби.

Има право Сартр: "Егзистенцијата е пред есенцијата". Стварноста е се или речиси се. Броевите на стари списанија за литература и општествени прашања издавани во Скопје по Втората светска војна се најдобриот сведок кој и што пишувал за да напредува. Нема писател од постарата генерација кој денес нешто претставува во македонистичката култура без да сум му прочитал антибугарска тирада. Како особен политички успех на владејачкиот македонизам се смета кога со кои било средства ќе придобијат на своја страна лице од докажано егзархиско семејство. Фамилијарните досиеја во Македонија не застаруваат, се префрлаат од деца на предеца, во иднина.

Македонскиот проблем не е исклучок: на многу зашеќерени лаги често се лепеле прочуени умови. Кога дури и еден Ерих Фром го промовираше системот на Тито и Кардељ како идеал на човековата заедница, воопшто не ме чуди што на логиката на македонизмот "и-или" се нафатија и умни слависти од светот. Нивното групирање во однос на македонските проблеми во ништо не се разликува од двете противположни гледања. Тие се интернационалните протагонисти на бугарскиот и антибугарскиот врховизам.

На една страна се помалубројните научници што пријатните општествени околности за заживување на македонизмот ги поддржуваат и ги помагаат за неговата популаризација по светот: Мареш, Мошин, Фридман, Тополињска, Бирнбаум... Тоа се големите пријатели на македонистичка Македонија.

На другата страна се многубројните научници кои тврдо ја држат линијата на историската вистина за етничкиот карактер на македонските Словени:

Штамлер, Бекон, Батлер, Тот, Шаско, Волков, Мак Дермот... Тие се "пријатели" на Бугарија, а наши големи "душмани".

Двете психологистички обоени гледишта донекаде имаат право. Во нивните огромни знаења западниот рационализам недостасува, Исклучивоста во меѓусебните полемики и ангажмани за македонските проблеми заличува на средновековна схоластичка расправа. Можеби за рационалниот запад денес Македонија е остаток од нивната средновековна схоластика. Едните водат сметка за современоста, а другите за историчноста. Се разбира, има многу нијанси што мојата скромност не може, а и не смее да си дозволи да ги анализира, но создадената атмосфера им година интелектуални остапбендеровци во Македонија да идат и зборуваат во "наш" прилог, а во Бугарија во "нивни" прилог. Штефан Требс е типичен таков пример. Лично би посакал да видам како угледни интелектуалци би се скарале и ви отвориле нови фронтови поради Македонија и исто како војските од нивните дедовци пред десетлетја на Источниот фронт.

Локалните интелектуално-рововски престрелки во Република Македонија веќе неколку години се почнати: на една страна официјалните државни кадри од институциите на вториот Илинден, а од другата слободомислечки имиња што на секој начин се обидуваат да бидат замолчани и да не им се даде шанса за контакт со славистите од странство. Македонија како црна дупка повторно ја потврди маѓепсната сила на разделувања.

Интелектуалната досетливост оди дотаму што Острогорски во "Историјата на Византија" во германското издание го пишува Самуил за бугарски цар, а во југословенското издание, како македонски. Ем научниот авторитет си го држи пред светот, ем дома политички да е во ред.

Освен австрискиот професор Ото Кронштајнер кој успеал да избега од оваа схоластичка стапица и работи по принципот на логиката, "и-и", мојата скромност засега не сретнала текстови на странци, логички доследни, што водат сметка и за современоста и за историчноста.

Двете психологистички струи од двата научнички рова за македонскиот комплекс проблеми имаат и покрај сето знаење тесна диоптрија на гледања, толку тесна што личи како да ѕиркаат на Македонија преку клучалка. Оние што ѕиркаат на нас од собата на историјата, газат на сигурни факти на минатото, а раздвижените современици над тенкиот мраз на сегашноста, очите не ги дигаат од нозе, од страв да не пропаднат. На едните им недостига подвижност, а на другите цврста подлога.

Кронштајнеровите последни текстови можеби се први комплетни гледања на македонскиот идеолошки јазол и заслужуваат да се дефинираат како прво македонско гледање на македонските проблеми. За македонистичките научници од Скопје, сепак, тој е најголемиот надворешен државен непријател. Нивниот чувствителен нос не дозволува и прашинка од бугарската култура во Македонија макар да се запретани во прашината на тоа наследство.

Политички процеси во федералната единка Македонија во Титовата Југославија имаше дури до средината на осумдесеттите, само четири-пет години до пред нејзиниот крвав распад. Обвинителите и доушниците во таквите процеси беа познати македонски интелектуалци: дипломати, универзитетски професори, академици, писатели, новинари... Нивните имиња наголемо се вртат по скопските кафеани, нашите полициски досиеја се нивно авторство. Оските на моќта во Република Македонија се јасно воочливи и недостасува само хроничар фамилијарно да ги претстави.

Во последно време може да се прочита низ печатот став дека сите националности во Македонија си ја задржаа својата национална припадност, а само македонските Бугари се откажаа од неа. Тврдењето е точно, но дополу изречено: македонските Бугари не се откажаа доброволно од националноста! Повеќе од еден век на тоа ги присилуваше непринципиелната коалиција од другите националности-антибугарскиот врховизам. Денес најмногубројното население во Република Македонија не треба да ги присилува другите националности да го прифатат нивниот болшевички македонизам заради некаков амалгам, но потребно е да знаат како нивни припадници изведуваа над најмногубројното население еден од најкрвавите европски пирови. Тука е болката до нервот: немањето совест за стореното, оставајќи злосторството да се повторува.

Македонистичката интелигенција најпослушно учествуваше и учествува во сите игри на колективното манипулирање, доведувајќи не во ситуација како во драмите на Ибзен кога откривањето на вистината за поставените меѓусебни односи доведува до нивно разорување. Нужно е интелигенцијата да го соблече и да го самозапали идеолошкиот плашт, самиот пред да ни се истргне од под нозе, паѓајќи групно. Вистината е најголемиот непријател на постојниот поредок во Македонија, но прашањето е: како да ја избегнеме катастрофата како единствено можно решение на кризата.

Оној момент кога однатре ќе си се објасниме, однатре ќе согориме како проблем. Ограничените догматски системи еден период можат да се обновуваат во себе и од себе и да мрделкаат од сопствената самоувереност и исклучивост, но набрзина дегенерираат во карикатуралност од монистичкиот дух што скаменува. Не успее ли сега независна Македонија со штотуку дојдената антикомунистичка власт однатре да се демократизира и да воспостави граѓански правила на игра и заштита на личноста, туку продолжи да владее полициски и мафијашки, а во име на Дамевата и Гоцевата идеја за самостојност, може со мирна душа да се рече дека таква држава не ни треба и тоа не е наша татковина и идеал. Нема идеја што не е света и што не се чеша на светоста.

Досегашниот македонизам на Мисирков, Конески и Колишевски ја изврши својата улога на македонската едиповштина, разнебитувајќи не, раскарувајќи не, раселувајќи не и, испразнет, без енергија, испушти душа пред наши очи. Македонизмот во Македонија и денес е југословенство без Југославија, па макар секој ден гостувала музика во Универзална сала од српски кафеани. Бугарија нија изгради Универзалната сала како подарок по земјотресот, за бугарски уметник да не смее внатре да стапне.

Европа ќе толерира некаков вид македонизам поради самостојноста, но не оној во кој и таа посредно учествуваше, а особено не оној што во континуитет, наспроти секоја државотворна логика, државно се субвенционира.

Гологанов и Веркович во деветнаесеттиот век ја промовираа како романтичарски занес "Веда Словена" за митот за Александар Велики и нашата директна врска со него. Од првпат, фалсификатот прелага некои европски учени, но само од првпат. Сегашната хистерија во Македонија по нова "Веда Словена" започна со книгите за Александар Велики на Васил Тупурковски и тоа е новата државна стратегија. Одбивајќи да се соочи со себеси, владејачкиот македонизам и баењето за Александар Македонски го поттикнува можеби нашиот иден претседател. Хистеријата оди дотаму што се подготвуваше и "научна" експедиција на Хималаите за да ги потврди нашите корени со индиските племињата Ханзи за кои се зборува дека се остатоци од војските на Александар Велики. Нека биде и така, но откако таа теза ќе ја верифицираат светските научни авторитети. Светот до денес за нас нешто друго зборува и тоа треба да се каже, без оглед, по сите лаги и фалсификати, дали некому му одговара или не.

Сакаме светот да ѕирка на нас низ идеолошка клучалка, онаа низ која ние го гледаме него, а се работи ние да гледаме на светот и себеси, онака како што светот гледа на нас - без идеолошка клучалка. Колку и да е растеглива, сомнително е што може низ клучалка да помине неоштетено или Прокрустовата постела ни останува како единствено решение за македонската мизерија.

http://knigite.abv.bg/ms2/ms_mizerja.htmlhttp://knigite.abv.bg/ms2/ms_mizerja.html



Тагове:   Македонската,   МИЗЕРИ,


Гласувай:
0



Няма коментари
Търсене

За този блог
Автор: bugarash
Категория: Други
Прочетен: 2193158
Постинги: 190
Коментари: 1089
Гласове: 1975
Архив