Потребителски вход

Запомни ме | Регистрация
Календар
«  Март, 2024  
ПВСЧПСН
123
45678910
11121314151617
18192021222324
25262728293031
Постинг
16.01.2008 17:35 - ВИЛАЕТ НА ВРХОВИЗМИ
Автор: bugarash Категория: Други   
Прочетен: 2724 Коментари: 0 Гласове:
0



Младен Србиновски

Откако блудницата Вавилонска дозволи, по Сан Стефано, во Берлин во 1878 да се абортира Македонското прашање од бугарската национална целост, самата за себеси избра да се движи на балканскиот простор во ортопедски обувки. Оттогаш, европското игнорирање на овој регион станува разбирливо. Колку помалку Европа се движи на овоj простор, толку помалку ќе ги обува ортопедските помагала. Одвреме - навреме, тука, на овој врел котел емоции кога не би ги подгорувала прстите, овде не би ни стапнала нејзина нога. Игнорирањето, во случајов, многу малку и помага.

Малото камче Македонија одамна е камен на сопнување за Балканот. Македонската жива рана е премала да ја инфицира Европа, но е достатно непријатна: луто поткожно чирче на незгодно место на старото курвиште. Македонија е ситна и невидлива, но присутна: пикнато камче во чевелот на наконтената дама од чие боцкање по малку накривнува. Повеќе од сто години мрда со стапалото, го преместува тежиштето на притисокот во обувката, одвреме-навреме го собува и го тресе, но однатре ништо не паѓа. Дали е камчето пикнато под влошка или е сраснато за чевелот, и покрај беспрекорната грациозност, за прошетка по Балканот салонките се неподатливи. Одамна, само груби ортопедски чевли на Европа й помагаат да не куца по нашите беспаќа. Впечатокот што го остава и до кој старата дама толку држи: нејзиното балканско издание е гротескно - сјајни, скапоцени фустани, во грозни, несмасни скорни. Убави, негувани нозе, во медицински чевли.

За балканските очи овој европски имиџ е нормален, тие ја знаат неа само во времиња на пожари. Нејзината дворска префинетост каде што пикале нос само ретки балканци, тука е паланечки исмеана. Овде други петли пеат, овде друга мечка игра, особено во Македонија.

Бугарија трипати на тоа камче се сопнува, трипати на него носот го крши: случајно ли е камчето така поставено или им е вешто подметнато. Може ли Бугарија да се сопне и по четврти пат, може ли нови стапови да окрка за нас иако смета дека не познава повеќе од нас самите. Зошто и бегаме од секаква искрена средба кога очигледно не не мрази. Има ли грешка вљубениот кога му бега саканата. Има. Грешката е што кога ги шири рацете, очите ги држи затворени.

Токму тоа, оддалечувањето, обезбугарувањето, денационализирањето е процесот што повеќе од еден век Бугарија не може да го сфати, да го фати и прифати за Македонија. Кутрата Македонија, вечната "маченица и страдалница" во втората половина од дваесеттиот век за нив се претвори во недофатлива љубовница. Три четвртини од населението во деветнаесеттиот век во Македонија е со иста духовност и национални чувства како во ослободеното бугарско отечество, но три четвртини од сантите мраз се постојано под вода. Четвртината од мразот над вода е видлива, а допирот студен. Бугарија нејќе да знае за оваа студена Македонија од втората половина на дваесеттиот век, но само со неа има реални допири и од ужас се стреснува. Топлата и преродбенската, одамна ја нема, таа Атлантида повеќе ја има кај нив, зачувана во ракописи, предмети и семејни спомени. Таа одамна не живее на тукашна адреса. На нејзино место, тука веќе подолго е вселена ледената еанта Македонија што ја фаќа хистерија само од спомнување на името Бугарија. Студено рационално или емотивно вжештено: Господ би Знаел што е поопасно.Откинатата санта мраз на Берлинскиот конгрес станува опасна поради нејзиното пребрзо движење и забрзаното топење, пред се на подводниот, невидливиот дел. Видливиот, згорниот, владејачкиот дел, го раководи и го поттикнува движењето и топењето. Но дојде време кога и тој, второилинденскиот почна да се дави, по самоуништената основа. Недугавоста на македонизмот ги прокоцка сите шанси за некакво запирање и за него нема веќе дополнителни поправни испити. Се сврши работата, македонистичкото треснување е неизбежно. Тргна вода на давија.Подлажани божем со домашен леб, доцна сетивме дека македонизмот е полн со подметнати парченца стакло што однатре не парчосува. Ем самиот те сече, ем над глава уште ти бае, тажи и митотвори божемен македонски синдром на самоуништување. Македонистички турбо цинизам: железна тупаница под кадифена ракавица. Откако водата ни дојде до под брада и целата нација ја фаќа паника, тие што не придавија сега се прашуваат: како да се забави засиленото македонско топење.

Во деветнаесеттиот век, пред Сан Стефано и Берлин, кога нема македонски проблем надвор од севкупните бугарски проблеми, глобалниот светски план е под знакот на т.н. империјализам, владеење на големите европски држави над неразвиените народи од другите континенти. Империјалните сили така се однесуваат и спрема Балканот. Еуфоријата од можноста за вечно заминување на империјална Турција од Балканот по победата на Русија во Руско-турската војна и Сан Стефано во 1878 кај најмногубројниот балкански славјански народ трае само три месеци. Западните сили само по три месеци, во Берлин, повторно му го враќаат на Болниот од Босфорот централниот дел од Балканот. Можноста преку новосоздадената бугарска држава, најголема на Балканот, во етничките граници од Варна до Охрид, со излез на Белото и Црното Море, и Русија најпосле да излезе на Медитеранот, за Европа е опасно! Оваа совршено точна дипломатска пресметка, пред се на Бисмарк, за Македонија се претвора во агонија што трае до денес.

Оправданиот страв од Русија го натера западниот империјализам да ја дели Бугарија на три. За да се анулира целосно руското присуство меѓу Бугарите, на посреќниот, ослободениот мизиски дел му се наложува германизирана фамилија за цареви (првата точка од Берлинскиот договор); вториот (Тракија т.е. Румелија) станува турски протекторат; и третиот, македонскиот, колнатиот, најбугарскиот, делот кај што беше турен ќибритот, од кај што почна и се изведуваше Преродбата (В"зраждането), учењето за ослободување, делот Македонија од кај што се експортираше идејата за по другите бугарски територии, беше вратен под дивата Турција со ветени реформи (дваесет и третата точка од Берлинскиот договор), перманентно да крвави повеќе од еден век.

Не е несреќа што решиле да го кинат големото бугарско етничко тело, лошото е што и за другите делови не обезбедија протекторати од западните империи како заштита од руски влијанија. Денес да си имавме француска, британска или германска лоза на царчиња, ќе си имавме и плата по пет илјади марки и сигурно е дека никогаш не ќе пекавме потоа по Бугарија, Србија или Грција, а Европа ќе се протегаше од Исланд до Константинопол, за разлика од денес што смее да си ги пушта нозете само до Виена. Европа е рационална, но нема смисла за рационализам: повеќе има смисла за иронија штом за третиот чин од драмата ни го пласира болшевизмот.

По Берлин во 1878 во нашето народно творештво почнува да циркулира метафората за Европа, како за блудницата Вавилонска. Жалот по Сан Стефано, по откраднатата слобода, по слободното кнежество Бугарија настапува многу бргу: Разловечкото и Кресненското востание од истата година се токму тоа - непомирливост со откинувањето од мајката. Димитар Поп Георгиев и Дедо Илјо Малешевски, дигајќи го бајракот за бунт, пеат за целина со Бугарија. Што и би можел друго човек да мисли ако е одвоен на десетина километри од своите сонародници со граница на Осогово која никогаш ја немало. Ги гледа од планина слободните сонародници а тој трпи турски зулуми. Два се излезите за да ја исправи злата судба: тајно преку граница од кај своите да носи пушки сам да ја исправа неправдата или да се исели во ослободеното отечество и да заживее почовечки живот кај посреќните родственици по судбина.Тука се прави првата лага и извртување на работите во македонистичката историографија во Република Македонија на која се реди другиот декор. Првите "врховисти" всушност сме ние од Македонија. Кресненското и Разловечкото востание се типични врховистички востанија што прават исправање на неправдата, што умираат за припојување со Бугарија. Илјо Малешевски и Димитар Беровски се тринаесет години "врховисти" пред да биде формиран Врховниот македонски комитет во 1895 од високи воени чинови во Бугарската армија по потекло од Македонија!

Кое срце ќе издржи да не му помогне на несреќниот брат, која душа ќе изуми да не испрати пушка или доброволно да не појде во вилаетот на злото! Сврзани садови, заедничка судбина, заедничка рана за која е долг да се гине. Нема жртви и катастрофи што не ги оправдува Македонија: мит што перманентно голта човечки трупови; крвта е единствено погонско гориво на патриотизмот на кое работи пеколната воена машина.

Првите и најголемите врховисти се формираат во Македонија: чувството дека сами ништо не и можат на големата Турција е точна логика што се потврдува десетина години по во Илинденското востание. Врховисти се и Гоце и Даме и никогаш не ја прекинуваат соработката со Воениот комитет и по формирањето на Внатрешната организација. Ослободениот брат што сака да му помогне на несреќниот и поробен има основна слабост: Европа кажа дека нема да им го дозволи на јаве романтичарскиот сон да живеат заедно. Груев тоа прв го разбира и го организира внатре формирањето на БМОРК, ТМОРО, ВМОРО, ВМРО.

Кога го гледам денес острото противење на меѓународните сили за какви било посебни врски и соработка меѓу СР Југославија и Република Српска, уште појасно ми се оцртува политичкиот гениј на Даме за излез од наметнатиот маѓепсан круг. Косовските Албанци со Ибрахим Ругова и Адем Демачи ги преживуваат само стотина години подоцна премрежијата што ги поминувале Делчев и Александров.Организирање внатре, во поробениот дел, посебна организација што ќе се потпира пред се на внатрешни сили и што ќе ги следи внимателно и меѓународните настани за во определен момент да извојуваат слобода е многу попрофилирана политичка стратегија за разлика од онаа, надворешната, со помал политички такт. Оваа пософистицирана опција се покажа дека е немоќна во Илинденското преображенско востание. Врховистичката линија е пореалистичка, централистичката со поголем политички усет, но двете со Ахилови петици. Првата е неостварлива, а втората немоќна, или, осудени се и двете тактики да  губат. Кој пат да се фати кога се води во пропаст. Дали обединувањето кое се остварува меѓу ВМК (Врховниот македонски комитет) и ВМОРО во пролетта 1911 две години пред конечното распарчување на Македонија е потег на очај. Теми за антички трагедии од кои само патосот е ползуван во македонската македонистичка литература. Нашите писатели само ги доисчашија работите.

Тука се прави втората лага во историографијата и литературата во Република Македонија. Се оцрнија врховизмот и Сан Стефано, додека не се добија размери на фантом, демек, врховистите се Бугари и сакаат да ја присвојат Македонија, а централистите се Македонци и војуваат против нив. Лаги со опашки! Откинатата санта Македонија беше насочена да оди во спротивен правец од главнината. Форсирањето на колективна омраза спрема Бугарија може да почне. Што дека од населението подеднакво се славени, опеани и почитувани јунаците и од едната и од другата организација, што дека и едните и другите се исти по род и сознание, се караат, се помируваат, тесно соработуваат и гинат за ист идеал - лагата ни е одамна наша судбина и природа. Ништо не помага. Како што комунистите направија профит од Марксовиот "Капитал", така македонистите и ден-денес го прават истото на сметка на врховистите. Да се обидеме да го разјасниме ваквото размислување за бугарскиот врховизам во самостојна Македонија и Титова Југославија.

Сите години на општествени бранувања во Македонија од 1878 до 1893 се израз на неискристализиран, емотивен Врховизам природно појавен од редот на нештата. Тоа не е организационо профилиран врховизам, повеќе е физиолошка реакција, лижење на раните на двете парчиња од етничката целост раскината со граница. Бугарската преродба и просветителство (македонистите во Скопје ја прекрстија од В"зраждане) и црковните движења за Егзархијата, меѓу другото, се најголемите духовни експортни стоки на бугарството од тој период од Македонија. Македонските Бугари се единствени меѓу сите националности во областа Македонија што не увезуваат и не инсталираат духовност и институции однадвор, туку ги експортираат. Константно, над еден милениум од Кирила, Методија, Климента, Наума, Самоила, Владислава, Делјана, Војтеха, Акиндина, Кукузела... бугарската култура е најсилна и дава бугарски белег на оваа територија заземана од разни завојувачи, именувана со различни имиња и национално шарена низ вековите. Треба ли да чуди силно покажаното чувство на доминантното население за заедништво од двете страни на границата, одеднаш ставено од Европа пред големо искушение.

Посебните состојби пред кои се исправени Македонија и Одринско по Берлинскиот конгрес бараат и преземање нова, специфична тактика. Даме и Гоце први согледуваат кусогледост во идејата придвижувана од емоции за Македонија и Одринско обединети со Кнежевството Бугарија. Нивната тактика е резонот. Формирањето во Солун во 1893 на БМОРК Бугарски македоно-одрински револуционерен комитет, е победа на разумот над емоциите. Момент кога по неколкувековниот мрак и отсуство од Европа, во Македонија за една ноќ се кристализира сила што во секоја смисла ја припојува кон неа.

Кирилската азбука, преводот на Светото писмо на четвртиот јазик, црковнославјански (старо-бугарски) и Богомилството се уникатни дострели и придонеси кон европската култура на овој мал народ. Овојпат, во очај, тој пак реагира европејски. Ако првиот Устав на БМОРК од 1895 има цел политичка автономија само на бугарското население и помиреност за неменување на границите, веќе во новиот Устав на ТМОРО тежиштето е да биде тој поопштомакедонски, "да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за извојување низ револуција полна политичка автономија на тие две области". Општомакедонска лекција за сите националности, европски најдемократски терк и за ова време, внатрешно инсталирање на организациона инфраструктура од сите незадоволни елементи како одговор на надворешниот европски диктат! Затоа, истата таа 1895 и формирањето "надвор", во Софија, на Врховен македонски комитет за ослободување на Македонија е стратегиски поанахрона, иако симпатизерите кон едната или кон другата опција често ги менуваат организациите.

Помалубројните националности во европските краишта под Турција, во почетокот, немаа таква можност за маневрирање како бугарските организации. Едноставно, немаа доволно база, доволно своја националност или свои приврзаници меѓу другите националности. Има многу примери на учество, потпомагање или симпатија на другите националности кон ВМОРО, особено на Власите, но повеќето играат ролја на преносители на дразби на надворешните сили за инсталирање нови врховизми и нови делби на Македонија. Прифаќањето таква општествена ролја не само што е далеку од Гоцевата европска заложба за внатрешно кооперирање, туку нивниот врховизам со тоа е многу поретрограден и од бугарскиот на ВМК. Нивното примитивно балканско резонирање само и дава за право на тезата на Бугарскиот врховен комитет дека никој освен Бугарите во Македонија не се бори за нејзина самостојност, што историјата го потврди.

Другите врховизми прво требаше однадвор да создадат своја основа во Македонија, па дури потоа внатре да дејствуваат. Бугарскиот врховизам за кој толку сакаат да се пењават македонистите, долго години на теренот беше во огромно предимство во однос на другите врховизми, но не и недостижно. Затоа сите застанаа против него. Стартното предимство на бугарскиот врховизам е очигледно: тој не треба да создава свое население, на него од првиот ден се потпира.

Какви се методи користат другите врховизми во Македонија е долга и мачна приказна, една од најмачните за кои знае Европа. Одвојување на секој метод на суровост за пенетрација во Македонија води до нужно упростување на проблемот: обично тоа се збир постапки од сила и лукавост што не значи дека е тешко распознатлива кујната на специјалитетот. Нивниот заеднички содржател не е само антибугарството туку и непријателскиот однос спрема автономистичката Гоцева идеја за независна Македонија. Тие не прават разлика и не и даваат поддршка на ниедна од двете бугарски опции.

По својата природа врховизмите во Македонија можат генерално да се сведат на два вида: бугарски и антибугарски. Наместо поле за културна соработка, се отвора простор за конфронтации и вечни пресметки, претворајќи ја Македонија во земја на балкански, православни врховизми. Целата своја интелигентност, вештина и препреденост околните народи на најблескав начин ја манифестираат преку своите врховизми во Македонија. Секој одделен врховизам е групен портрет за определена народопсихологија, рендген-снимка на бесчестието, несистематизиран лексикон на омразата. И наспроти сите нив, една мала група, што туку испилена проевропска интелигенција со политичка програма што направо го европеизира Балканот, треба од сите да се варди.

Империјалистичка Европа во тоа време е со изгубен слух, ја поддржува сосем спротивната тенденција, балканизирањето, самата засилено поларизирајќи се и цепејќи се од центрифугалната сила што ја обзема, за да испука стравотно дваесетина години подоцна токму над Македонија. Всушност, има многу литература за пропагандите во Македонија во XIX и XX век, но тоа е веќе третото, намерното извртување на фактите од логичката недоследност. Изведениот заклучок во историската наука во Република Македонија не одговара на она што го предлагаат премисите.

Да го претставиме сега накусо репертоарот на антибугарските врховизми кои турската власт благонаклоно ги поддржува. Жестокоста како најважна карактеристика не ја спомнуваме - таа е однапред прокнижена. Специјалитетот на српската пропаганда во Македонија од средината на XIX век па наваму се низа методи за замаглување и промена на националното чувство во бугарското население и вештачко создавање свое малцинство или барем впечаток дека такво суштествува. За таа цел постепено се формира цел систем од импортирани организации (црква, училишта, Српската четничка организација, "Свети Сава",...) средства (поткупи, уцени, убиства) и методи (колонизирање). Денешниот македонизам како дериват на општествените околности е излезен од српскиот шинел, истата инсталација пребојосана и адаптирана на новите општествени состојби. Има многубројни случаи на осудувани лица од Македонија во кралска Југославија што ќе бидат повторно судени во Титова Југославија за истиот деликт.

Грчкиот врховизам е долга приказна и историја, протежиран најчесто преку немногубројното тукашно старо население - Власите. Бугарската преродба од XIX век е, пред се, силно антипатријаршиско движење. Пројавата на српските аспирации кон Македонија по Сан Стефано и нивното координирање со грчките е формирање моќна оска север-југ што ќе успее со своите планови и да ја подели Македонија во 1913, во балканските војни. Нивниот докажан специjалитет беше трампење на населението. Влијанието на влашкото лоби во денешна самостојна Македонија е огромно и од него денес се модулира македонизмот за божемното потекло на славјанското население од Античките Македонци.

Великоалбанскиот врховизам, инициран од досегашните врховизми на тлото на Македонија, е со идентични планови: ако трите околни држави откинаа од Македонија дел, зошто и тие не го сторат истото со регионите кај што живее албанско население. Најмладиот врховизам, според својата силина влегува најдоцна, но на голема врата и со аспирации за дел од Македонија, доусложнувајќи ги и онака прекомплицираните македонски состојби. Митот за нивно директно илирско потекло и илирска Дарданија во општоалбански граници е во полн погон. Специјалитет на "работата" им е енормната популација. Како најмногубројни меѓу муслиманското население во Македонија, отскоро тие ја преземаат улогата на обединувачи и бајрактари на муслимански врховизам во парирањето на постојните православни.

Каблите на интереси за нови империјални планови на оваа територија се инсталираат и посредно. Ишаретите на империјална Турција преку малубројното турско малцинство се засега во рамките на пристојноста, а пристоен е интересот и на Романија за Власите. Којзнае, можеби утре дури и Индија преку Циганите ќе пројави апетит за Македонија!

- Граница! Подгответе ги пасошите!




Гласувай:
0



Няма коментари
Търсене

За този блог
Автор: bugarash
Категория: Други
Прочетен: 2185731
Постинги: 190
Коментари: 1089
Гласове: 1975
Архив